(ВИДЕО) Вселенското летало „Орион“ се врати на Земјата по патувањето околу Месечината
По повеќе од 25 дена поминати во вселената и во орбитата околу Месечината, капсулата „Орион“ на Американската вселенска агенција (НАСА) слета денеска во Тихиот Океан.
Слетувањето се случило во близина на мексиканскиот остров Гвадалупе во 9:40 часот по локално време.
„Артемис 1“ е програма за човечки вселенски летови што ја предводи НАСА и чија цел е да се вратат мисиите на Месечината откако последен пат таму беа испратени 12 астронаути во рамки на програмата „Аполо“ пред половина век.
„Орион“ е дел од ракета „Спејс ланч систем“ која е висока 98 метри и е најмоќната што НАСА некогаш ја конструирала.
Капсулата, во која немаше астронаути за овој пробен лет, влезе во Земјината атмосфера со брзина од 40 000 километри на час и мораше да издржи топлина од 2 800 Целзиусови степени, што е половина од температурата на површината на Сонцето.
Главната цел на мисијата беше да се тестира топлинскиот штит на капсулата, најголемиот некогаш изграден (во дијаметар од пет метри), во овие услови.
Леталото при спуштањето прво беше забавено од Земјината атмосфера, а потоа и од 11 падобрани, додека не достигна брзина од околу 30 километри на час кога се спушти во водата.
The post (ВИДЕО) Вселенското летало „Орион“ се врати на Земјата по патувањето околу Месечината appeared first on 360 степени.