Бугарскиот историчар Илчев смета дека наместо Михајлов и Фердинанд, клубовите треба да се викаат „Мост“ или „Пријателство“
Членот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, бугарскиот историчар Иван Илчев вели дека воопшто не е добра идејата, клубовите кои се отвараат во Македонија да бидат крстени со имиња кои се политички оптоварени, освен ако намерата е со тоа да да предизвика негативна реакција.
Тој во интервју за „168 часа“ укажува дека дури и од бугарски ракурс, историски парадокс е некој клуб да биде именуван по Фердинанд, човекот кој според него има огромна вина за „губењето на Македонија“. За Илчев, исто така, поради бројните нарачани убиства врз дејци од македонската организација меѓу двете светски војни, срамно и навредливо за една цивилизирана држава е да го чествува Ванчо Михајлов. Тој не е никаков демократ, вели Илчев.
„Мора да се внимава какви имиња ќе имаат тие клубови. Тие не смеат да бидат оптоварени со политика, уште помалку да предизвикуваат негативни емоции. Тие може да бидат крстени со имиња како „Мост“, „Пријателство“, „Братство“. Па, и самата Македонија, по склучувањето на Преспанскиот договор, во тој дух го смени името на автопатот „Александар велики“ во „Пријателство“,
истакнува Илчев во интервјуто.
Ваквиот став на Илчев е конзистентен и покрај дилемата која ја има околу улогата на Цар Борис Трети. Според неговото толкување, тој во предвечерието на Втората Светска војна всушност бил прелажан дека и Југославија влегла во пактот, па ја приклучил и Бугарија кон него.
The post Бугарскиот историчар Илчев смета дека наместо Михајлов и Фердинанд, клубовите треба да се викаат „Мост“ или „Пријателство“ appeared first on 360 степени.