Борел ги поканил Вучиќ и Курти на нова средба во Брисел, датумот на состанокот сè уште не е познат
„Неколку пати кажавме дека ќе има средба меѓу претседателот Вучиќ и премиерот Курти. Високиот претставник Жозеп Борел веќе ги покани да дојдат во Брисел. Точниот датум на средбата ќе го објавиме во догледно време“, изјави портпаролот за надворешна политика на Европската Унија, Петер Стано
По средбата на главните преговарачи во Брисел кога беше постигнат договор за регистарските таблички, Борел, поздравувајќи го договорот, најави продолжување на дијалогот на повисоко политичко ниво
Наскоро ќе има средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти како дел од дијалогот за нормализација на односите, потврди портпаролот за надворешна политика на Европската Унија, Петер Стано, а пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
„Неколку пати кажавме дека ќе има средба меѓу претседателот Вучиќ и премиерот Курти. Високиот претставник Жозеп Борел веќе ги покани да дојдат во Брисел. Точниот датум на средбата ќе го објавиме во догледно време“,
рече Стано на конференцијата за новинарите во Брисел на 8 декември.
Според Радио Слободна Европа, оваа средба најверојатно ќе се одржи по новогодишните празници.
По средбата на главните преговарачи во Брисел кога беше постигнат договор за регистарските таблички, Борел, поздравувајќи го договорот, најави продолжување на дијалогот на повисоко политичко ниво.
Договорот за регистарските таблички, со кој се избегна ескалација на северот на Косово, отвори можност лидерите да продолжат да се состануваат за да разговараат за таканаречениот предлог за француско-германски дијалог.
Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред неколку дена објави дека последната верзија на предлогот за дијалог е испратена до Белград и Приштина. Тој одби да зборува за неговата содржина, но рече дека не е одреден рок за постигнување договор.
Планот на Европската Унија поддржан од Германија, Франција и Соединетите Американски Држави е составен дел од дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Повикувајќи се на свои извори од дипломатски кругови, медиумот Данас објави што стои во новата верзија на француско-германскиот предлог.
„Во новата верзија на француско-германскиот предлог за решение на косовското прашање нема отстапувања од неколку основни принципи – Косово добива признавање според меѓународното право, односно членство во Советот на Европа, што е и сигурно, како и членство во Обединетите нации, додека Србија ја добива Заедницата на српските општини“,
пишува медиумот.
Сепак, автентичноста на наводниот текст на предлогот засега не е потврдена од ниту еден од релевантните актери и нема официјални информации за содржината на предлогот за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград.
The post Борел ги поканил Вучиќ и Курти на нова средба во Брисел, датумот на состанокот сè уште не е познат appeared first on 360 степени.