Бектеши: Има простор ем ДДВ-то за струјата да биде 10 отсто ем сметките да не се повисоки
Прашан дали ќе има корекција на цената на струјата, односно дали таа ќе поскапи, Бектеши кажа дека корекции секако ќе има, но тие можат да бидат во нагорна или надолна линија
Министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во „24 анализа“ на Телевизија 24 кажа дека ќе има зголемување на ДДВ на струјата од сегашните 5 на 10 отсто. Сегашните 5 отсто ДДВ за струјата, како што кажа министерот, биле дел од владините мерки за справување со енергетската криза.
„Согласно новите пресметки има простор ДДВ за струјата да се врати на 10 проценти, а да нема импакт на цената на електрична енергија и за домаќинствата и за малите потрошувачи и сите тие коишто се снабдуваат со електрична енергија во регулираниот пазар“,
изјави министерот Бектеши.
Бектеши додаде дека во моментов, освен третиот блок на РЕК „Битола“, сите останати капацитети за производство на електрична енергија во земјава се во функција, што, како што посочи, прави простор за дополнителни пресметки во однос на цените кои ЕСМ треба да му ги понуди кон универзалниот снабдувач ЕВН „хоум“, кон електродистрибуција и кон МЕПСО.
„Секако, цената ќе биде во интерес на граѓаните особено оние кои штедат и тие граѓани кои имаат помали приходи“,
рече тој.
Прашан дали ќе има корекција на цената на струјата, односно дали таа ќе поскапи, Бектеши кажа дека корекции секако ќе има, но тие можат да бидат во нагорна или надолна линија.
„Корекција на цената секако ќе има, согласно влезните податоци од страна на ЕСМ, на ЕВН „хоум“, на електродистрибуција, на МЕПСО, но корекциите можат да бидат и нагоре и надолу“,
додаде Бектеши.
Оговарајќи на прашањето дали граѓаните кои се наоѓаат во првиот и вториот тарифен блок за наплата на струјата ќе имаат повисоки сметки за електрична енергија од јануари следната година, министерот кажа:
„Ако сте блок 1 или блок 2 значи вие штедите и не трошите многу електрична енергија што значи дека за вас цената ќе биде прифатлива и најверојатно нема да има зголемување на цената“,
рече Бектеши.
Според министерот, Владата веќе го амотизирала ценовниот шок со воведувањето на новите блок-тарифи, кои, како што рече, се правичен и правилен пристап кон справување со енергетската криза, особено кај оние кои најмногу имаат потреба од помош од државата.
The post Бектеши: Има простор ем ДДВ-то за струјата да биде 10 отсто ем сметките да не се повисоки appeared first on 360 степени.